Петар Печков
Објавено: четврток, 08 ноември 2012
Историјатот на подготовката на овој велешки специјалитет е поврзан со времето кога велешани се бореле за својот духовен идентитет, пред се против фанариотските црковни свештеници што го пљачкале народот грабајќи ги за себе црковните пари, кои сиромашните граѓани ги собирале за црквата.
Историјата на овој духовен проблем на христијаните во Велес, е настан кој е поврзан со првите податоци за справувањето на питата-пастрмајлија.
Во 1862 година Велешките-црковно- народни општини реагирале на алчноста на прогрчкиот владика Антим ,кој барал 15.000 гроша владичнина, тоа е плата на владиката,која се исплатувала еднаш годишно. Меѓутоа, алчниот владика Антим не се уплашил,туку со помош на месната турска власт се заканил дека ке ја собере црковната давачка.
Кулминација народното незадовлство доживеало во 1863 година кога до румелискиот владика во Битола се доставени 93 потписи и печати од велешкото граѓанство и жалба до Великиот везир во Цариград со 75 потписи и печати на видни граѓани, трговци и занаетчии. Тие се жалеле на злоупотребите на фанариотскиот митрополит Антим,``кој не го знае нашиот јазик и служи на грчки јазик,па бараме да ни дојде друг Владика, подобен и да служи на наш, народен јазик,според царските заповеди,,.
Засегнатиот Владика Антим заминал за Цариград, а на негово место дошол неговиот помошник –викарниот епископ (помошник) митрополитот Кирил Перистерски. Тој служел богослужба за Божиќ 1864 година, но нему му било дозволено да собира владичнина за сметка на Владиката Антим. Повторно Велешани собрале 200 потписи и се заканиле дека ако не се направат бараните промени,тие ке преминат во унија со Римокатоличката црква.
Во 1865 година Владиката Антим се вратил во Велес и со високи официјални потврди од Цариградската патријаршија барал да му се исплати владичнината за неколку години наназад. Во мај истата година Велешани се откажале од плаќање на црковен данок и тоа представува целосен расцеп меѓу велешани и грцизмот.
Во вака вжештената ситуација митрополитот Антим, чувствувајќи се непожелен во Велес, се решил да ги наклевети кај Исмаил паша, кој од Босна пропатувал низ Велес. Антим изјавил дека велешани спремаат востание и општа побуна,потпомогната од Србија. Меѓутоа, пашата ја презрел намерата и строго го укорил,велејки дека не може да се меша во религиозни спорови. Ситуацијата била напната се до 17 декември 1868 година кога е свикан општонароден собир на кое учествувало целото машкото христијанско население од градот и било решено велешани да се откажат од Патријаршијата а владиката Антим да ја напушти Митрополијата во Велес. Уплашениот Антим се сокрил во една приватна куќа, чуван од заптиите и телеграфирал до Патријаршијата во Цариград дека се случил силен бунт и дека неговиот живот е во опасност.
Патријаршијата во Цариград интервенирала до Великиот везир,а овој пак испратил бујурулдија (наредба) до румелискиот валија во Битола целиот случај да се испита. Битолскиот мутесариф (воен гувернер) Ахмед паша со војска пристигнал на 5 јануари 1869 година со околу 2000 коњаници.Но,кога влегол во Велес бил дочекан од народот со овации и извици `` Да живее султанот!,,. За расветлување на случајот тој до 19 јануари ислушал 250 засегнати велешани и увидувајќи дека бунтот е насочен против грчкиот владика Антим,телеграфирал во Цариград изнесувајки ја вистинската причина за незадоволството на народот.
Истовремено,турскиот генерал го принудил митрополитот Антим да потпише оставка и срамно, избричен и качен на магаре, да го напушти Велес.( се сеќавате кога велешани го бркаа Јован во 2002, имаше една карикатура како тој е качен на магаре наопаку). (И башка надвор од приказнава очигледно ни било судено, на велешани да се справуваме со црковните отпадници.) Великиот Везир на Велешани им ветил дека имаат право на национална црква. Сега доаѓа приказната за питата пастрмалија.
Интересно е што додека турската војска престојувала надвор од Велес,а близу до Вардар ( веројатно некаде во месноста Речани), локалните турски власти биле задолжени како добри домаќини да ја хранат војската. Покрај другата храна, според Имрен Јосифова, докторант по турски јазик на Универзитетот во Истамбул, споменатиот Ахмед паша воениот гувернер кој дошол да го испита случајот со наводниот бунт против грчкиот владика, во еден допис напишал:
``Не почестија со јадење слично на нашата састрма(ј)лија (турско јадење слично на погача ,со големи парчиња овчко солено месо ), само што месото е ситно сецкано овчјо и козјо месо и полиено со јајце...,, ) што ќе се сложите е денешната пастрмалија) . И ова е тој документ кој постои во турските архиви, кога за прв пат се споменува пастрмалијата и тоа токму во Велес.
Истражувајки каде би можела да биде првата фурна во Велес, која е способна да произведе поголема количина храна, е податокот од Хаџи Калфа,познат турски патеписец:
``До големиот мост постои фурна која работи цел ден и преку ноќ и секогаш има да се најде леб.Застанавме пред камениот мост да купиме храна.,,
Фурната во која се печеле питите се наоѓала веднаш до Стар Мост на место на денешната куќа на семејството Ванови. За тоа постои ваков опис кој го дава др Екрем Ајверди,турски стручњак за османлиски споменици:
``Спроти Големиот мост одсекогаш постолеа фурна во куќата на Уста (мајстор) Мустафа,старешината на мостарите,кои го чувале ,го поправале и одржувале мостот.Таа фурна го хранела и турскиот гарнизон и сите турски достоинственици кои нарачувале пекарски производи од ова место,,.
Оваа фурна била една од ретките која работела 24 часа, што и било овозможено со посебна бујурулдија (наредба), а овој податок и се споменува и во други списи и пописи од 1863 година.
Во прилог на приказната за овчото место пастрмата следниот податок. Имено, со развојот на гемиџиството и трговијата со сплавови со Солун,во Велес масовно се развил ќурчискиот занает. Велешките занаетчии станале познати по жолтиот сахтијан (фино преработена овчка или козја кожа) кој масовно се извезувал до европските модни центри, како Виена,Будимпешта,Париз..
Сите видни дами шиеле костими за лов и јавање од сахтијан,кој бил моден тренд. Велешкиот бил најдобар и баран во Европа. Сознанието дека во една година се колеле и до 120.000 грла ситен добиток (кози и овци), доведува до заклучок дека месото било евтино и дури се фрлало во Вардар.За да не дојде до епидемии и зарази од него властите наредиле месото да не се фрла, ами да им се дели и на најсиромасите.Така во овој период секоја велешка куќа имала своја залиха на месо за зимскиот период. Бидејќи немало уреди за ладење,месото се солело, се ставало на гредите да се суши и така сушено се приготвувало во зима. Се користела да се посипе тестото со месо, со пастрма. И така го добила името пастрмалија, која доаѓа од турскиот састрма.
Традицијата на припрема на питата - пастрмалија длабоко се врежала во секојдневието на велешани, се до ден денешен. Велешката пита има традиција подолга од 140 години и е бренд поврзан со златните години на создавањето на градот од турска касаба во модерен, европски град,со развиена трговија,занаетчиство,граѓанство и пред се традиција. Иако, и во други градови во Македонија се надеваат дека ке го превземат приматот од велешани во правењето на пита - пастрмалија,оти таа во Велес се прави по стариот добар и богат рецепт пита збогатена со пастрма, чиј мирис и вкус е ненадминлив и единствен.
текстот ни го испрати Љупчо Данов
Tweet |